Елбасан тава

Дојде времето за јагнешко месо…Го подготвувам на повеќе начини, го сакаме…
Но никако не можам да разберам какво е тоа јагнешко без масно? 🙂
Е такво е и се продава на грамчиња, 15о гр, 226 гр.Чудо! Нејсе, имало чаре и за него, во некои месари може да се најде како што сме навикнати, а има и во кланиците 🙂

Е па воила, да ја отвориме сезоната на јагнешко, иако ние имаме цела година, ама сега и во Македонија е така, се променија времињата…

Елбасан тава доаѓа од минатото, во Струмица се правела многу, една од најубавите пролетни тави е! А младите денес не чуле, за жал…Дали името доаѓа од градот Елбасан, не знам, но превкусна тава е, тоа е најважното.

 

Состојки

  • 500 гр јагнешко месо без коски
  • 400 гр кисело млеко
  • 4 -5 јајца
  • 3-4 чешниња млад лук
  • 1 лажиче сол, црн бибер, црвен пипер
  • 2 лажичиња рузмарин
  • китка магданос

Постапка

  1. Месото се вари на парчиња.
  2. Потоа се префрла во земјана тава, се премачкува со зачини, се додава лукот на парченца, рузмаринот, магданосот и од водата што се вареше малку.
  3. Се става да се пече на 200 степени за убава боја.
  4. Штом добие боја, се матат јајцата со киселото млеко и се претура врз месото.
  5. Тавата се враќа во рерната и се допекува.

Мерките може да си ги прилагодите по желба, јас овој пат правев во мали тавчиња. Користев јагнешко филе, а тоа се подготвува многу брзо. Елбасан тавата се прави со млад лук.
Е сега немам како нашиот лук овде, но врши работа и тој. Иако месото не е како кај нас, морам да го пофалам, како мозок е.

На здравје!

 

Напишете коментар