Посен рататуј

Посен рататуј
Посен рататуј

Во семејството на маж ми, рататуј се правел со мелено месо, модар патлиџан, тиквица, домати и пиперки, кромид и лук, на коцки, варено на рингла.Така си сакале, како јанија…

Рататуј всушност доаѓа од регионот Прованса, односно од Ница, како зеленчукова чорба, но има и друг рецепт при што зеленчукот се поставува вертикално.
Името доаѓа од зборот touiller, што значи “мешање”.

Воглавно има два главни начини на подготовка.
Се пржи кратко зеленчукот, исечен на кругови, потоа се динста со капак, на рингла.
Или, секој зеленчук одделно се пржи, па се соединува да се динста, тој начин е најчест кај познати готвачи 🙂
И во поново време, во рерна, откако ќе се испржи зеленчукот.
Варијанти многу, но основата е тоа.
Ќе му дојде нешто како посна јанија, или како гулаш, или како ѓувеч…
Ако е на рингла е како чорба или јанија, а за во рерна е сосема поинаку, како ражничи без стапче. Важно е круговите да бидат убаво, ама сочно испечени.

Толку знам, може вие имате подобри информации.
Ако имате, ве замолувам да ги пишувате на блогот, да останат забележани под рецептот, што е многу важно. Некни се обидов на мојот профил да најдам еден коментар за слаткото од кајсии, не можев…А ако беше напишан овде, секој ќе го има на увид, секогаш.

Состојки

  • 2 тиквици
  • 1 модар патлиџан
  • 2 пиперки, црвена и зелена
  • 2 домати
  • 1 кромид
  • 2 чешниња пресован лук
  • сол, црвен пипер, црн пипер, босилек, оригано и билки од Прованса
  • маслиново масло
  • малку оцет

Постапка

  1. Зеленчукот се сече на кругови, пиперките треба да се од оние големите…
  2. Се пржат круговите кратко, за да се сочува сокот, се ставаат зачини и се редат во тавче.
  3. Се посипуваат малку со маслиново масло и се печат на тивко, не треба да се исушат или препечат.
  4. При сервирање, исто така се додава мслиново масло помешано со оцет.

Значи ова е рецептот, но немам зелена пиперка ставено, користев капија, зашто ми има најубав мирис овде. Ставив и карфиол, а дозата ми е помала, вие како сакате. Од доматите може и да испасирате, па да го нанесете врз зеленчукот.
Немам ставено ни прелив од маслиново и оцет, зашто поинаку ги комбинирав, но тоа е основниот рецепт.
Sирнете во следниот рецепт 🙂

Едноставно, но вкусно, вака зготвено повеќе ми е како гарнир или салата и нема врска со чорбата…

 

Напишете коментар