Гурмани, повелете, мало, а преслатко задоволство!
Ако сеуште имате туршија, еве еден преубав рецепт, ако не, чувајте си го за догодина, сериозна сум, нема да зажалите 🙂
Најубаво е со жива туршија или како што се вели во Битола, сторени пиперки.
Еднаш слушнав за рецептот и знаев дека ќе ми се допадне многу…
Така од читање, дури и без слика, можам да си проценам дали е добар рецептот…
Досега, немам погрешено! Ами што!
Благодарност до сите што објавуваат вкусни, старински рецепти, од сите краеви на Македонија, треба да се сочуваат!
Значи ова јадење го обожувам, сет магичен вкус е насобран во тие неколку состојки и кога ќе се спојат, настанува љубовен бум, јас велам! Се раѓа, Неговото Величество Вкусот, Први!
Можеби некои луѓе не и обраќаат внимание на храната толку, јадат колку за да живеат…
И тоа си е личен избор…
Ние ете уживаме да приготвиме лична, вкусна, ароматична креација, нова или старинска, што ни причинува радост и сакаме да го споделиме тоа со сите вас! Та дури и пржените јајца бараат мало мајсторство и трошка љубов, нели?
Мишел секогаш кога е во можност сесрдно ми помага, ама најкреативен си е кога ги прави нивните рецепти, нормално 🙂
Чувајте и пренесувајте ги нашите рецепти, нека заминат во иднината, таму каде ние нема да бидеме, но ќе бидат нашите магични вкусови…
Нека радуваат нови генерации кои се надевам ќе имаат потреба од вкусно зготвено јадење.
Состојки
- по потреба пиперки од сурова туршија
- по потреба јајца
- по потреба магданос
- малку буковец
Постапка
- Пиперките се мијат и се сечат на покрупно.
- Се пржат убаво иако не се познва дека се пржени, но мирисот е насекаде, волшебен. Додадов и малку црвена пиперка, за колорит.
- Јајцата се матат, се додава магданос и се преливаат преку пиперките.
Не ги сакам јајцата препечени, тоа за кајгана така правам, а овие јајца треба да останат сочни. Преубав, ма магичен мирис и вкус, многу едноставно и брзо, а може да биде и главен оброк или појадок и вечера.
Пријатно!