Благо солен млеченик

Стар струмички рецепт, благо-солен млеченик или млечник, рај за непце.
Многумина го прават само со шеќер, што е исто прекрасно, но сега прво овој рецепт,  благ, ама и со кора со сирење.

Во струмичката кујна, мешањето на вкусовите е природна работа, соленото и благото заедно ни се природни.

Кој е за пробување вакви уникатни вкусови, нека повели, ќе се воодушеви!

 

Состојки

За солен дел

  • 500 гр. кори
  • 2 жолчки
  • 200 гр. сирење
  • 100 мл. кисела вода
  • 100 мл. зејтин
  • 3 лажици кисело млеко и малку сол

За благ дел

  • 6 јајца
  • 400 мл. млеко и повеќе може
  • 150 гр. домашни јувки
  • 6-8 лажици шеќер
  • 3 ванили

 

Постапка

1. Најнапред го подготвувате филот за солениот крашник. Ги мешате во еден сад жолчките, сирењето, зејтин, кисело млеко, кисела вода, малку сол, но да не биде многу водно.
2. Од корите ставате една во подмачкан округол плех бр 28 или 30, но краевите да бидат надвор од плехот. Премачкајте ја со зејтинче.
3. Следната кора ја виткате со солениот фил и ја ставате во плехот малку згужвана. Направете уште две такви виткани кори со фил, но собрани како хармоника. Треба значи да направите солен крашник, но ќе ви останат сигурно од корите кои може веднаш да ги искористите за нешто друго. Ако сакате, овој солен крашник, можете да го направите со сукана домашна кора, како и што е и оригиналниот рецепт.
Кората на дното чии краеви се надвор од плехот, може да ја префрлите врз крашникот или пак едноставно да ви остане како кора која подвиткана ќе биде добра заштита подоцна јајцата да не се прелијат. Порано не ја ставав, но увидов дека е многу подобро така.
4. Сега ставете ги јуфките во средина, а тоа се всушност кршени домашни кори кои сега можат да се купат и готови, по старински рецепти.
5. Помешајте ги состојките за благиот дел и прелијте ги јуфките со млекото и изматените јајца, шеќерот и ванилите, а додајте ги и белките кои ви останаа.
6. Крашникот премачкајте го со кисела вода, зејтинче и малку жолчка. Ако ви прелие од млекото и јајцата врз солениот краишник, не пречи.
7. Печењето е на 200 степени околу 40 минути, но треба убаво да биде испечено одоздола.

Печете колку сакате одозгора, јас го сакам кога е ваков како килибар.
Навистина е нешто уникатно млеченикот.
Фотките се од 2013 година и од минатата година…
Го токмев тогаш за овие фотки ептен, но воопшто не мора така да изгледа, може и поедноставно. Битно е да биде доволно сочно од јајцата и млекото, а одоздола да е добро испечено и тоа е тоа.

Пријатно!

 

 

 

 

 

Напишете коментар