Бомбици со ракчиња

bombici so rakcinja
bombici so rakcinja

Да не биде само струмичка кујна, еве еден прекрасен рецепт, нешто ново…Не знам дали би ми паднало на ум оваа комбинација ако не видов нешто слично на Интернет, па си го прилагодив на мојот вкус… Ме привлече, што друго, ако не пиперката…
Рецептот е всушност тајландски, но ме изненади колку ни е блиска комбинацијата, освен ракчињата…
Сосот беше сосема поинаков, останав на наши вкусови, може другпат да пробам…

Ги правев многу оддамна, па си чекаат стрпливо како и многу други рецепти, необјавени сеуште…

Состојки

  • исчистени ракчиња
  • варен ориз
  • зелена пиперка
  • црвена пиперка
  • млад кромид
  • 3 лажици мајонез
  • 1 лажица сенф
  • лебни трошки
  • црн пипер
  • сол
  • по желба лута пиперка

 

Похување

  • лебни трошки
  • јајце
  • зејтин

 

Сос

  • мајонез
  • сенф
  • лимон
  • лук

 

Постапка

  1. Најпрво сварете го оризот и оставете го да се лади.
  2. Испржете ги ракчињата, им треба многу малку ако се вакви, треба да останат розевки.
  3. Во еден сад ставете ги сите состојки за бомбиците, пиперките и кромидoт исечени на мали парченца. Сварив повеќе ориз за да имам за гарнир.
  4. Направете бомбици од смесата и подгответе за похување. Ако не ви се прават добро, мора да се снајдете, додајте лебни трошки, една лажица брашно…
  5. Прво се ставаат во јајце, па во презла.
  6. Ги пржев во обично тавче, а втор пат во фритеза, подобри се на изглед, но помрснички во фритезата.
  7. Ставете ги на салфетка да се упие вишокот зејтин.
  8. Претходно направете го сосот, додајте пресирано лукче, младо кромидче, по желба…

Сервирајте со варен ориз и прелив од мајонез, сенф и лимон.

Бевме воодушевени од вкусот на бомбиците, кој сака похувано, одлична комбинација, гурманска!
Можете да ги јадете како топло предјадење, ладно, но и како главно јадење.
Немам ставено точни мерки, прво затоа што тоа треба да биде според вашите потреби, а и младите да се учат да се снаоѓаат…

На здравје!

Напишете коментар