Летно мезе

Летна даска, полна здравје!
Кога подготвувам модри патлиџани, секогаш комбинациите ги вртам или кисело млеко, крем сирење, лук, магданос или домати.
Е сега малку поинакви ги правев, нови комбинации, од здраво, поздраво.

 

Состојки

  • 2 големи модри патлиџани
  • 150 гр ориз
  • 150 гр урда
  • 150 гр палента
  • 1 црвена пиперка
  • 150 гр мелено месо
  • 2-3 лажици крем сирење
  • малку магдонос
  • малку ленено семе
  • малку ким
  • малку црн ким
  • по потреба сол
  • по потреба маслиново масло

Постапка

  1. За побрзо да ја стокмите даската, односно бомбиците, ви треба да одвоите мелено месо кога пржите за мусака или за сос со тестенини. Ако ви е свежо, испржете го онака како си го правите.
  2. Потоа треба да сварите одделно палента со маслиново и ориз, посолени.
  3. Модрите патлиџани исечете ги на кришки, посолете ги, после 10 минути измијте ги, исушете ги со салфетка. Намачкајте ги маслиново масло, посолете ги и ставете ги да се печат на горната решетка, на хартија во плех.
  4. Додека се печат, направете ги бомбиците, по ваша желба или како моите.
    Од урдата земете мало парче, расплеснете го, во средина ставете пиперка на коцки и магданос, направете бомбица и поросете ја со црн ким.
    Од палентата исто земете парче, расплеснете го, а во средина ставете од меленото мевце. Посипете ги со ким.
    Од оризот одвојте еден мал дел за посипување. Другиот дел, измешајте го со крем сирење, испасирајте го и на истиот начин правете бомбици, внатре мевце или друго нешто. Кога бомбиците се готови, налепете ги со другиот ориз, да бидат чупкави, а наросете ги со црн ким.
  5. Потоа на даската за сервирање или голема чинија, наредете во круг кришки од модрите патлиџани, а еден дел ставете во најлон кеса да омекнат. На средина од даската, од омекнатите патлиџани направете гнездо, јас ставив палента и ориз одоздола. Наредете ги бомбиците, ставете некои украсни тањирчиња со ориз, палента и урда, и тоа е сé!

Комбинациите се едноставни, најобични состојки, но многу, многу вкусни, а навистина и многу здрави.

Пријатно!

 

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар