ОДА НА ГРАВОТ
Ќе речат, најпросто нешто е да свариш гравче…Дали?
Мислам дека и наједноставните јадења си бараат марифетлуци, снаоѓање, искуство…
Затоа драги млади, убаво е да се чуе нечие искуство, или повеќе од нив, кога прв пат ќе треба да зготвите, дури и грав…
Никој не се родил научен, учиме цел живот…Учиме и ние кои имаме полн кофер искуство…
Мојот рецепт за грав е струмички и не го менувам цел живот.
Пробав и вака и така, на гости, со моркови, со друг зеленчук, но не…
Ете мене не ми оди никако морков во грав, кој е многу благ, и го покрива преубавиот вкус на гравот. Но за вкусовите, рековме, подобро е псссст…Кој како сака и како му е убавко, така нека си прави 🙂
Мојот грав нема запршка, а изгледа како да има 🙂 Е тоа е веќе еден марифетлук 🙂
Повеќе кромид, повеќе зејтин, повеќе пиперки и црвен пипер, никако преварување, и најлошиот грав ќе го смекнете 🙂
И најлошиот грав ќе има преубав вкус, верувајте!
Е кога правам тавче гравче, други марифетлуци правам, но друг пат за тоа 🙂
Состојки
- 500 гр грав
- 1-2 главици кромид
- 1-2 пиперки
- сува пиперка
- зејтин
- сол, сув зачин, црвен пипер, буковец
Постапка
- Гравот се мие со ладна вода, неколку пати.
- Се остава да кисне во вода преку ноќ.
- Утредента се фрла водата, се става нова, зоврива, после десет минути, се фрла и таа вода.
- Се налева врела вода, од страна, да не се отворат зрната, над гравот неколку прсти да биде нивото на вода, и веднаш на рингла.
- Претходно се сецка ситно кромидот и пиперката, ако е мала, треба две. Се додава и сувата, ако имате, цела или на парчиња.
- Се додава две лажички црвен пипер во врелата вода, па зејтинот, поубаво е повеќе.
- Се размешува, се чека да зоврие убаво, се намалува, се покрива со капак и се остава да вари на единица, значи на најслабо. Гравот не треба потоа да се меша. Густината за водата се проверува кратко со спуштена лажица, може да се додаде врела вода, но внимателно, малку и по малку. Кога е киснат, таа вода што ќе ја ставите, вообичаено е доволна, но мора да се проверува.
- Кога е готов, а тоа се гледа по врвот на гравот, поинаку врие, згустено е и има меурчиња, готов е. Се додава сол, сушен зачин, се меша кратко и се остава уште 5 минути. Мајка ми додава мирудија-суво нане, јас не, но убаво е.
- На крај уште буковец одозгора или во чинија кога е сервирано.
- Треба да остане со откриен капак извесно време, пред сервирање.
Е па воила, грав како кајмак!
Што уште не реков?
Гравот не смее да се превари, ако се случи, мириса од распаднатите јаглени хидрати и не е вкусен, затоа многу луѓе не сакаат грав, им мириса лошо. Ако е многу стар и исушен, или мешан, тогаш бара повеќе варење. Во тој случај, неколкуте несварени зрна, отстранете ги подобро, отколку да почне да мириса лошо.
Пиперките и кромидот, прават преубав сос и нема потреба од запршка, но ако сакате уште поголема густина, испасирајте во едно тањирче повеќе зрна и вратете ги во тенџерето.
Може да вари 1 час и 15 минути или до 2 часа, зависи од гравот.
Гравот утредента ќе биде погуст, затоа искуството со водата е индивидуално и по желба, ќе си ги научите брзо мерките према вашите садови.
Мене до сега никогаш, ништо ми нема загорено, зашто бдеам над јадењето, но секому може да се случи, па и мене 🙂 Доколку ви се случи тоа, веднаш префрлете во друго тенџере, без да го собирате тоа од дното, се разбира…Оставете на дното повеќе, и незагорен.
Кој пробал од мојот грав, почнал да јаде, иако никогаш порано не бендисувале 🙂 Никакви мачнини се нема, варењето се олеснува со салати кои се закиселени со оцет.
Гравот може да се прави и со коприва, спанаќ…, но и за тоа друг пат 🙂
Комбинирајте со колбаси, ќофте, ребра, риба…
Слатко, преслатко, мале шо текст сам испишала…
П.С. Ги барам фотките во компјутер и што да видам, еввва, евва Божичко, најмногу гравот сум го сликала…Се појавија еден куп датуми, многу фотки, ете доказ колку го сакам 🙂