Еден старински рецепт за пире кој верувам сите го правите. Ова не е макало, но секако е пире кое се јаде со леб 🙂 Македонска работа, наша работа, еми што да правиме 🙂
Во Струмица немаме макала како во Западна Македонија, но се наоѓаат многу вакви рецепти и мислам дека ние сме повеќе по прженото. Пржената храна, барем во моето семејство беше и е главна, здрава-не здрава, многу е слатка.
Состојки
- неколку компири
- неколку страка праз
- суви пиперки
- зејтин
- сол
- буковец
Постапка
- Измиениот компир сварете го со лушпа.
- Измиениот праз исечете го на ситно и почнете да го пржите, му треба време да биде цеосно омекнат.
- Излупете ги компирите и испасирајте ги со сол.
- Додадете повеќе зејтин каде се пржи празот, ставете ги сувите пиперки да се пржат малку и на крај додадете буковец, свртете го неколку пати внимателно, да не изгори.
- Истурете го празот и пиперките со врелиот зејтин врз пирето и убаво измешајте со дрвена лажица.
Ова пире може да се јаде со леб и сирење како главен оброк или да биде гарнир на колбаси, на пример. Има специфичен вкус, некогаш немам суви пиперки, но и без нив е убаво, буковецот прави преубав вкус. Од буковецот ќе добие прекрасна кајсија боја, која не можев да ја доловам, така е дење со фотките… Не е воздушесто како класичното пире, поинаку изгледа, но е превкусно, а зејтин по желба, по ваш вкус, помасно или не…
Посно јадење кое го сакаме во секое време, пријатно!