Денес во Струмица е Тримери, ден кога се оди кај армасаната девојка…
Текстот подолу го презедов од Интернет.
Јас само би додала дека кај армасаната порано одеа и во вторник навечер кога беа карневалите. Армасаната девојка треба да го препознае својот маскиран армасник меѓу сите што дошле, па така се случуваат многу анегдоти, има многу радост и смеа…
Не знам дали уште се практикува тоа, зашто сега редоследот на работите е поинаков или грешам…
Сé започнуваше со детскиот карневал на Прочка. Потоа чист понеделник и бел грав, па во вторник вечер карневалот, посета на армасницата и во среда Тримере, ручек кај армасаната…
Не знам како се сега адетите, зашто се додаде маскенбалот кој е од поново време во сабота или петок и се изгубив веќе, кога што беше…
Немам Интернет оваа недела, пишувам од кафетерија, набрзина, се извинувам за сите можни грешки, ќе поправам кога ќе можам.
Како и да е, оваа традиција сите Струмичани ја носиме во срце, пораснати сме со неа и на светот му покажавме што можеме.
Евлија Челебија пишувал за овие чудесни денови и ноќи во Струмица, а магијата ја знае секој Струмичанец.
Не сум била многу пати на Тримери, така испаднало, но од ум не ми излегуваат синиите покриени со бовчи, свилени и везени кои кријат прекрасни посни јадења…
Гравот и сармата се главни за тримерскиот ручек, покрај сите подолу наведени, ги готват мерфетлики жени, но начинот на кој се сервираат е за посебна пофалба.
Сета креативност доаѓа до израз, секоја година нешто ново, а сепак со сета почит кон традицијата.
Браво мои Струмичани!
Тримерите по своето првобитно значење и форма се еден мошне стар христијански обичај, којшто води потекло од многу одамна т.е од почетокот на христијанската вера. Самото име потекнува од грчките зборови tris meres во превод – три дена и е со значење тридневен пост.
Тие се сместени во првата недела од Велигденскиот пост, наречена првопосна или Тодорова недела и претставуваат една построга односно најстара форма на постење, бидејки за овие три дена додека е пости, оние што почнале да постат не смеат ништо ниту да јадат ниту да пијат. Тримерите се всушност, почеток на големиот Велигденски пост, кој трае седум, односно со таканаречената сирна недела осум седмици. Тие почнуваат од Поклади односно Прочка, која секогаш паѓа в недела и траат до среда, што значи дека го менуваат датумот во зависност од тоа кога паѓа Велигден, но остануваат истите денови понеделник, вторник и среда. Најчесто овие пости ги постеле верените, армасаните девојки и девојки пред мажење или немажените девојки, момите. Обично по повеќе девојки се собирале да постат заедно во куќата на армасаната. Најчесто тоа биле другарки на таа верена девојка или девојки поканети од машката страна, кои тука заедно спијат и престојуваат додека трае постот. Останатите членови од фамилијата или гости кои доаѓаат во куќата каде што тие престојуваат строго избегнувале пред тримерџиките да пијат вода или да јадат, па дури и да зборуваат за јадење и пиење, бидејќи го сметале тоа за голем грев. Исто така било грев некоја која почнала да пости да се откаже и почне да си апнува како што вели народот. Обичај било некоја девојка која ќе започне да тримерува, да тримерува три до пет години по ред. Тие што ги издржале тримерите одат в среда рано изутрина во црква за да примат од попот ајазмо односно крстена вода од Водици и нафора. По земањето на ајазмото тие веќе можеле да пијат и да јадат секакви јадења, но пак посни и тој ден тие се поштедени од секаква работа. На армасаните девојки кои го издржале постот, свекрвите како еден вид понуда, награда за тој голем успех им донесувале синии со разни посни јадења, обичај кој знаеме и ден денес се одржува. Денес веќе овој тримерски пост многу ретко се пости.
Тримерите ја изгубиле својата првобитна, односно изворна форма и значење, но тие како обичај во Струмица сѐ уште се одржуваат и постојат со сите церемонии кои го придружуваат тој обичај. Целиот тој тримерски церемонијал или уште како што уште се нарекува празник на армасаните се одвива во куќата на невестата, во среда и тој ден го прославуваат исклучиво жени, кои одат на ручек кај верената. Гостите што ги кани свакрвата одат групно, односно се собираат прво кај свакрвата и од тука сите одат на ручек кај снаата. Секој што оди на ручек носи и подарок на невестата. На ручекот обично се собираат педесетина жени, но некаде таа бојка може да биде 150 па дури и 200 жени, бидејки од порано само свекрвата носела гости, додека денес и мајката на верената носи свои гости. Ручекот е некаде по 12 часот и за таа пригода се готват специјално посни јадења и тоа, сарма од кисела зелка, без месо, со ореви, посен бел грав, варена пченка со ореви, а како десерт се служи зерде (сутлијаш без млеко, со вода), бела алва, овошје, локум и компот или ошав од црни сливи и суво грозје, додека наместо леб се кршат и се служат погачи, односно чуреци, месени со квас од наут т.н. наутлии погачи коишто ги меси момата. За пиење се служи исклучиво боза којашто ја носи свекрвата, обично во ѓумови. Ручекот поминува во доста весело расположение, и бидејќи тука се собрани само жени, се водат разни непристојни разговори и се пеат разни песни со еротска содржина.
Сарми објавив неколку, оваа сарма се прави специјално за овој ден. Многу е важно да не посинее сармата од оревите, а листовите треба да се тенки.
Арно ама, немам избор овде секогаш, зелката беше со најубава боја, другите беа потемнети, но беше помала…
Листовите се такви какви се, но тоа не е битно, битно е да се сочува традицијата, а вие во Македонија правете сарми и за око преубави <3