Кога ќе речеме турли тава, мислиме на мешана тава. Во разни краеви се прави различно, но и секој си врти по свое, а тоа воопшто не го менува главниот рецепт и вкус.
Дали ќе се стави некој зеленчук плус, дали ќе се пржи претходно зеленчукот, дали месото ќе се пржи или вари претходно, сето тоа е обичај, традиција или личен вкус.
Ова моја тава денес е онака како дома се правело, ама и секогаш била различна. Варирало месото, зеленчукот… Се ставало што се имало и секогаш била преубава тава.
Не ја направив во земјаната тава, но треба во неа, најубаво е. Бидејќи правев поголема количина, морав да ја направам во поголем плех. За вакви јадења, најубави се земјаните тави, даваат најубав вкус и така си личи 🙂
Состојки
- 200 гр свинско
- 200 гр телешко
- 200 гр јагнешко
- 1 главица кромид
- 2 компири
- 2 црвени пиперки
- 2 моркови
- 1 модар патлиџан
- 1 тиквица
- 10 големи бамји или многу повеќе ако се мали
- 200 гр свежи печурки
- 3 домати и лажица концентрат
- шака грашок
- шака ориз
- 3 чешниња лук
- зејтин
- сол, црвен пипер, црн бибер, магданос
Постапка
- Месото се сече на коцки и се пржи. Јас ги пржам одделно, прво јагнешкото, па свинското и на крај телешкото. Телешкото, зависи какво е, откако ќе се испржи, може да се подинста, за да омекне. Овде месото е поинакво, не му треба многу термичка обработка, но тавата ја опишувам како е по македонски начин.
- Зеленчукот се сецка и се пржи, прво кромидот, па поцврстиот зеленчук, потоа и помекиот, како тиквичка, бамја, грашок, на крај. Оризот се става подоцна.
- Сето тоа се меша во земјана тава, се става сол, црвен пипер, црн пипер, босилок.
- Се става малку вода, се промешува и се пече прво на 220 степени околу 20 минути, подоцна се намалува.
- Дали ќе ја печете еден час и половина, или 2 часа, зависи од многу работи, пробувајте секогаш!
- Половина час пред да биде готово се додава ориз, јас го подварувам 5 минути, па внимателно превртувам сé во тавата за да се испече убаво и допекувам. Треба да се внимава да има малку вода во тавата за оризот да стаса убаво.
Треба да се испече, а да остане сочна, треба да се внимава оризот да не ја земе цела сочност.
Некои ставаат винце, јас не ставам секогаш, зависи.Тоа стана модерно во 90-тите, кој како сака, преубаво е и со винце. И печурките се од поново време, традиционалниот рецепт е без печурки, без винце, а другото по желба. Сепак бамјите се обавезни, доколку имате, како и пиперките, морковите, модар патлиџан, тиквичка, домати, кромид, лук…
Едноставно се прави, може и посна варијанта, но сепак турли тавата подразбира и мешано месо.
Пријатно!