Турли тава, црвена манџа

Турли тава, црвена манџа
Турли тава, црвена манџа

Тавата со месо и мешан зеленчук ја нарекуваме турли тава или ѓувеч, зависи од кој крај сме.
Турли тавата, како и сé друго, се прави различно насекаде. Низ групите за готвење можеме да видиме колку разлики има, зависи од традицијата, од вкусовите во семејството, но и од она што во моментот го имаме дома.

За мене тоа е баш убаво, да има толку варијанти на едно исто јадење, значи вистинско богатство.
За ѓувечот рецепт може да видите овде  и овде.

Кај мене се разликуваат, на пример во ѓувечот, покрај разниот зеленчук обавезно ставам модар патлиџан и една врста месо, најчесто свинско. Кога имам бамји, обавезно ги ставам, но овде ги нема секогаш да се купат. Сé друго – ако имам и што имам.
Кај турли тавата е поинаку, затоа се вели турли-мешана. Имено, овој пат немав модар патлиџан, но имав бамји, разни пиперки и разно месо…Обично правам кога ќе ми остане малку месо кое не е доволно за ручек. Имав јагнешко и свинско малку. И тогаш ги користам замрзнатите резерви, одмрзнав телешко, а имав и колбаси, и така, прекрасен ручек излезе.
Оваа тава е една од многуте кои Ива, кога беше многу мала, ги нарекуваше “црвената манџа”.
Готвам од она што имам на располагање, она што е приоритетно од продуктите, но знам и да прашувам, по желба. Па така кога ќе ја прашав што и се ручка, знаеше често да рече-црвена манџа, најмногу заради мевцето, си беше љубител на месо и кога порасна.
А имиџот на манџите, тој црвениот, да, и мене ми е омилен, пиперки, црвен пипер и домати/чушки, црвен пипер и френки, е тоа е, тоа е нашиот струмички изглед на јадење, како и во многу краеви, македонски изглед, поцрвенето ептен, мераклиско. Овде црвениот пипер се продава во мали количини, многу малку се користи, јадењата воглавно се бели…Се трудам да го сочувам нашиот вкус. И буковецот не го заборавам. И многу малку лут црвен пипер, колку за арома повеќе, зашто луто не смеам да јадам веќе. Убавина наша.
Вкусови, навики, секој различно, како и да е, вкусно да е…а и здраво, се разбира.

 

Состојки

  • мешано месо, телешко, свинско, јагнешко, колбаси
  • 1 главица кромид
  • 2 компира
  • 1 морков
  • 2 пиперки каварџик
  • 2 големи домати
  • 2 црвени пиперки
  • неколку бамји
  • сува пиперка
  • 2-3 чешниња лук
  • сол, дафинов лист, сушен зачин, црвен пипер
  • зејтин
  • 1 лажица брашно.

 

Постапка

  1. Ако имате месо останато, исечете го на коцки и ставете го во тава за печење, по можност земјана. Исто и колбасаите.
  2. Другото месо, неподготвеното, испржете го на коцки, (во случајот, моето беше телешкото), па додадете водичка и дафинов лист да се динста.
  3. Исечете го на крупно зеленчукот, дури и кромидот, па така ставете сé на зејтин да се пржи.
  4. Кога е убаво испржено, зачинете, додадете го во тавата, додадете го и динстаното месо со течноста, брашно 1 лажица(во ладна вода растворено), размешајте и ставете на најсилна температура да се пече. Штом почне да се зацрвува, намалете ја температурата на 200, може и на 180, на тивко треба да се пече.
  5. Превртете ја содржината еднаш до два пати за да се испече од сите страни.

Течноста треба да се контролира, се додава по малку вода, ако треба, за да се направи убав сос. Месото, доколку е потврдо, постаро, подобро е убаво да е издинстано претходно. Прво се пржи, за поубав вкус, а и сите состојки му се зачувуваат на тој начин. Изборот на месото е ваш, према приликите, нема правило. Сечењето е покрупно, тоа му дава особеност на јадењето, повкусно е за вакви јадења, но и тоа е ваш избор.
Пак ќе речам, правила строги не треба да има, вкусно да е!
Пријатно!

 

Турли тава, црвена манџа

Турли тава, црвена манџа

 

 

 

 

 

 

 

Напишете коментар