Досега не сум објавила ќофтенца на блогот посебно, а ги правам на многу начини и сите ми се убави…
И при “најлошо” месо, секогаш се убави, однадвор крцкави, внатре мозок…
Тајната е во ренданото доматче, старински трик на баба ми Донка, од нејзиниот татко Чичек Андон кој правел најубави јадења во неговата гостилница. Тајната ми ја пренесе татко ми и многу ми значи, благодарам мои сакани, пораките ќе одат во иднината 🙂 И те како ни се важни овие мали, мали тајнички за што подобар вкус на нашите јадења.
Ќофтинцата се за мерак, едните со мешано мелено, а другите од тиквички, за кои ќе има посебен рецепт. Каква и комбинација да направите, нема да згрешите 🙂
Состојки за ќофтиња
- 500 гр мешано мелено месо
- 1 главица кромид
- 1 јајце
- 1 кришка сув леб
- 2 лажици брашно
- 1 лажица маслиново масло
- 1 домат
- сол,црн пипер,сушен зачин, магданос
Постапка
- Се ренда кромид ( ова е законот на мајка ми за ќофте) и се додава во месото.
- Сувиот леб се става во вода за да омекне, потоа се стиска водата и се додава во месото како и сите други состојки.
- Се лупи лушпата од доматот и се ренда.
- Откако ќе се додадат сите состојќи, се меси убаво, се затвара и се остава неколку часа во фрижидер или цела ноќ.
- Потоа се прават топчиња и се пржат во масло, прво на силна, потоа на средна температура.
- Не треба да се препржат или исушат, внатре треба да се сочни.
Ќофтињата најчесто ги комбинираме со кашички од брашно, сос од домати, грав…
Летно време е едно од највкусните и освежителни јадења, а секако и погачата е овде…Пријатно!