Кисела зелка со свинско

 

Киселата зелка и последни тави-манџички за оваа зимска сезона…
Се изнајадовме сарми, посни, со месо, со ореви, праз, налик на прилепски, струмички, убавина 🙂

Оваа јадење е исто така традиционално, нема крај каде не се прави, како подварокот е…

Еве како јас го правам:

Состојки

  • 1 главица кисела зелка
  • неколку свински кременадли
  • 3 страка праз
  • 2-3 чешниња лук
  • 1 морков
  • 2-3 компири
  • 1 црвена пиперка
  • сува пиперка
  • црн пипер, црвен пипер, буковец
  • 1 полна лажица маст
  • зејтин

Постапка

  1. Измијте ја зелката низ неколку води, оставете ја да стои во вода која треба често да се менува, околу половина час.
  2. Испржете ја прво зелката, сечена на ситно. Ги вадам дебелите места од кочанот, неколку листови замотувам како ролат и ги сечам тенко за побрзо.
  3. Додека се пржи зелката, а и треба повеќе време, подгответе го останатиот зеленчук, исецкајте го и почнете да го пржите.
  4. Кога е готов, додадете го во зелката, додадете зачини и префрлете во тава за печење.
  5. Додадете малку вода, маст, а кременадлите додадете ги на половина време. Вода се додава по малку кога ќе испари.
  6. Се пече на тивко неколку саати, печев 3 1/2 часа.

Месото ако сакате ставете го заедно, но јас обично го додавам покасно зашто бргу се подготвува. Компирот ја ублажува киселоста, таман доаѓа…
Ние велиме ума! И месото и зелката се ума-меки и сочни.

Пријатно!

Напишете коментар