Потпечен леб

Потпечен леб
Потпечен леб

 

Лебот наш насушен, често го месам дома сама, понекогаш во пекачот за леб-комплетна услуга, а и купуваме, има убав леб овде. Никако не можам да јадам топол леб, освен корката, па така најчесто дома имаме леб кој не е денешен. И најчесто го ставам кратко во рерна пред  јадење, најубав ми е така, исечен на крупно, крцкав.
Оваа убавина не е никаква креација, се прави за 10 минути.
Правев набрзина, сечев покрупно, немав време, а излезе баш вкусно… И корисно 🙂 , го искористив лебот, спанаќот, а може да се искористи по желба тоа што имате дома. Воопшто не се раководете од рецептот, направете си по ваш вкус. Доколку ви се допаѓа, еве рецепт…за секој случај 🙂

Состојки

  • леб (да не е пресен)
  • 2 јајца (може колку сакате)
  • млад кромид
  • 1-2 пиперки
  • спанаќ
  • сирење
  • црн бибер
  • ситни џимиринки
  • кашкавал

Постапка

  1. Измијте и исецкајте го зеленчукот.
  2. Во еден сад изматете со вилушка јајца, колку сакате, ако правите голема тава, ставете 4
  3. Додадете го зеленчукот и сирењето во јацата, размешајте.
  4. Во плех со хартија наредете го лебот на кришки. Не внимавав многу, навистина брзав и само ги ставив лепчињата, дури и не ги собра, некои беа по страните. Кога би имала време би ги префрлила во друг плех 🙂
  5. Од смесата со јајца, ставете врз лебот, колку може подеднакво. Посолете малку ситни џимиринки и бибер.
  6. Изрендајте кашкавал врз целата површина.
  7. Печете  кратко на 200 степени.

Желбата ми беше да се потпече лебот, да биде крцкав, а сепак одозгора да е сочно, па затоа не го печев многу. Јајцата останаа сочни, кашкавалот стопен…Вие како сакате, печете по желба.

Маж ми беше воодушевен, од ништо нешто бидна…Само да има нешто, сепак си треба, а не празен фрижидер, секако…
Бон апетит, драги мои, уживајте во вкусот и секое добро!

П.С. И немојте да го правите во ниедно време…како јас 🙂

 

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар