Сок од трендафили

Во неделата се нафатив на многу работи, џем од кајсии, слатко од капини и слатко од сушени трендафили. А решив да го финализирам и сокот од трендафили.


Кога така ќе си дадам премногу задачи одеднаш, посебно кога сум ептен кнап со времето, е најголем предизвик ми е 🙂 Брзаш за сосема друга работа, и си измислуваш триста други обврски, милина! Ах тој овен, ах! Мислев како стареам, ќе папсува, но некако не ќе да е така! Море обратно е!

И еве го сокот, ветив ќе најдам рецепт и ќе направам 🙂
Сега мене ме враќа во детството, го чувствувам и мирисот и вкусот, баш како сега да е…
Куќата ни беше на старата чаршија, на ќошето, таму се родив, таму проодев, таму ја почувствував првата радост и среќа, да се биде дел од семејство…
Немавме голем двор како кај другата баба, дворот граничеше со кавенето Мирно лето, поточно со зградата во која беше сместено кавенето…Но во дворот имаше трендафили, насадени во големи канти…И волшебно мирисаа…
Во дворот, иако не многу голем, зашто тоа се куќи во центарот каде нема место за дворови, се одвиваа многу убави моменти, посебно летно време…Седевме, на оние убави медитерански дрвени столчиња, јас во скутот на деде, а сите од големото семејство наоколу, мезејќи си понештичко…Дворчето избеленко, наваденко, скромно, ама дише на свежина, чиниш се раѓа нешто…Се пееше по некоја старинска, дедо ми Глигор преубаво пееше, до срце да те здоболе од неговиот глас…Татко ми далеку, или пак дојден меѓу испитите, мајка ми со тага мечтителна или радост огромна, но вечно окупирана со мене…
Ги гледам сликите и повеќе го чувствувам тоа време, отколку што го паметам секој детал…
Ама мирисот на сокот кој баба го правеше, го паметам…И вкусот!
Импресионирана од бузана бокалот и чашата, наросени и замаглени, и тогаш и сега, сепак ми покажуваат, и сепак верувам дека времето е само илузија!
Дека иако е далечно, многу блиску е, многу 🙂 🙁

Состојки

  • ливчиња од трендафили
  • шеќер
  • лимонтуси
  • вода

Постапка

  1. Во една тегла од 5 л, ставете ливчиња од трендафили до половина на теглата, нежно измиени…
  2. Додадете вода до врвот на теглата и два лимунтуса.
  3. Покријте со чинивче, не треба да е херметички затворено.
  4. Нека стои на сончево место околу десетина денови, потоа прецедете и додадете онолку шеќер колку тежи сокот, значи измерете најпрво.
  5. Шеќерот треба да се истопи за 24 часа и ќе добиете сируп, погуст или потечен.
    Можете да додадете лимон, коцки мраз, за уште поубав вкус, но и така, само добро изладен, е преубав!

Не добив некој густ сируп, зашто и немав многу рози, ама вкусот е прекрасен, само да се пие ладен од фрижидер, тогаш е вистинско задоволство.
На почетокот сокот имаше преубава боја, ама ете де, не го сликав, никако немав време да одвојам. Потоа ливчињата се менуваат и кога сите ќе ја изгубат розевата боја, тоа значи време е за цедење, но и бојата на сокот му се смени малку. Ајде догодина здравје, ќе имам поголемо искуство, ќе направам повторно!
Е па воила!

 

 

Напишете коментар