Ова ќе му дојде како солен млеченик, така нешто. Корите или јуфки, може да се направат и како десерт, и како баница, пита, како сакате. Мојот млеченик кој редовно го правам е благо-солен, во средина благ, по краевите солена кора со сирење, рецептот може да го видите овде. Тоа е стар струмички рецепт, а се прави и само благ, без солена кора, ќе следува рецепт.
Минатата година видов дека некаде се прави и солен целиот, рецепт точен немам, ама пробав од око, преубаво излезе. Уште и суви пиперки додадов, посебен шмек има 🙂
Состојки
- 250 гр кршени кори
- 2 или 4 готови кори, кој сака може сукани
- шака тарана
- сирење
- јајца
- сува пиперка
- млеко
- растопен путер или зејтин
- сол
Постапка
- Прво се прави филот за преливање, јајца, млеко, сирење, сува пиперка, сол по желба.
- Потоа се прават корите за крашникот, ако користите готови, едноставно се прскаат со зејтин или растопен путер, се става тарана, а сирење и сува пиперка се става на почетокот и се виткаат, па се редат по краевите на намастено тавче. Овие кори беа од дебелите тегнати, затоа по една, а вие виткајте по две ако се многу тенки или една сукана.
- Откако ќе се направи крашник околу тавчето, во средина се ставаат кршени кори, може претходно малку потпечени ако сакате.
- Се прелива тавата со филот. Јајца по желба, а млекото да ја залие тавата.
- Се пече на 200 степени до убава боја.
Преубава пита, редовно ја правам, но секогаш во различно тавче и затоа немам точни мерки. Сé е од око, некои рецепти се такви. Некогаш ми требало повеќе кори за крашник, зависи какви се, некогаш повеќе јајца и млеко ставам…Битно е да се залие тавчето, значи повеќе одошто на сликата, сликнав пред да се залие целото.
Преубав појадок, вечера, а што да не и ручек. Вкусно е многу, а се прави многу брзо.
Пријатно!