Бел грав, фасуљ-Чист Понеделник

Бел грав, фасуљ-Чист Понеделник
Бел грав, фасуљ-Чист Понеделник

 

Во понеделник после Прочка, започнуваат Големите пости. Се вари бел, посен грав.

Во Струмица имаше преубава активност, целиот еснаф се собираше, пред дуќаните се вареше грав или се носеше од дома, а заеднички се јадеше. Не знам кога точно започна таа активност и не знам дали уште се практикува… Сите кои поминуваат, можат да се приклучат на импровизираните трпези, заедничката трпеза е пораката.

Истиот бел грав се јаде и сервира и на Тримери.

Самиот ден се нарекува Чист понеделник и е првиот ден од Тримери.
Денеска исто така се чисти и пере домот, се тријат тави и тенџериња, со тоа се чистат злите духови и се пречекува доаѓањето на пролетта. Така било некогаш, а денес се практикува…
Не сум детално запознаена, ќе ми простите ако нешто сум погрешила, посебно на делот со зејтин и без зејтин.

Она што го знам е дека гравот се јаде со маслинки, секогаш, а и се пржи риба.
Таква ни е традицијата.

Ќе ви презентирам бел грав како јас го правам, а вие прилогодете го на вистинскиот пост, ако не треба зејтин, не ставајте.

Ви посакувам да истраете во Постот, а најмногу ви посакувам вашето  срце да биде спокојно и вашите мисли и зборови да ве красат.

Состојки

  • 500 гр грав
  • 2 главици кромид
  • 1 пиперка
  • сува пиперка
  • сол, сушен зачин, црн бибер, мирудии-сушено нане
  • зејтин

Постапка

  1. Гравот се мие убаво и се остава одвечер во вода за да нарасне, а и така полесно го вари жалудникот.
  2. Утредента водата се фрла и се става нова вода, се чека да врие 5 минути и повторно се истура водата.
  3. Се додава ситно исецканиот кромид и пиперка, врела вода и зејтин по желба. Јас ставам повеќе, зашто грав не бидува со малку зејтин, треба повеќе кромид и мирис на пиперки.
    Сува пиперка секако ако имате, но не сум имала кога се правени овие слики.
    Најубаво е да не се додава вода постојано, туку да вари во истата вода, но ако морате, додадете.
  4. Зоврива и се намалува температурата, се вари на најслаба температура, тоа е многу важно за гравот. Ставете го капакот и повремено, контролирајте.
  5. Зависи од гравот, но без час и 1/2, не може да биде сварен. Сум слушала за грав со еден час варење, но мене не ми се случило такво нешто. Може кај ептен млад грав, не знам.
    Кога е при крај, ставете ги зачините и наросете мирудија, сува пиперка, буковец, по желба….
    Доколку имате повеќе течност, извадете еден дел од гравот, испасирајте го и вратете го во садот, внимателно промешувајќи.

Гравот не треба да се меша многу, протресувајте и избегавајте колку можете мешање.
Никако не смее многу да превари зашто тогаш јаглените хидрати се распаѓаат и знае да има непријатен мирис, затоа некои луѓе не го сакаат.

Белиот грав може да се прави и поинаку за што ќе следуваат рецепти.

 

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар