На дедо ми
Мојот омилен рецепт, варијанти многу, овој пат само со кромид и доматен сос.
Рипчињата беа испржени, ни останаа, оние од настанот, па утредента нов ручек 🙂
Сличен рецепт може да видите овде.
Најголемите познавачи на рибата ќе речат дека тоа е риба број еден, највкусна, најздрава.
Не за џабе е една од поскапите риби овде и се смета за вистински деликатес.
За жал, сé помалку ја има, исчезнува, и кај нас и секаде…
Пораснав со таа риба, перкиита…
Навечер, во сабота или недела, дома доаѓаа гости, или ние одевме. Некако повеќе се радував тие да ни дојдат. Се пржеше риба, татко ми е мајсторот..Мајка ми ги чистеше, тој ги пржеше, а ние со брат ми нестрпливи, зашто за децата, радоста е голема кога се чекаат гости. А тек сервирањето, татко ми мераклиски ќе редеше овали, а ние ќе се чудевме како му текнува, посебно мајка ми, зашто салатите не ја инспирираат…Но затоа тука се слатките нешта, е тогаш мојата мајкичка има најголема креативност, велејќи секогаш: “Јас пораснав со мед, торти и колачи, тоа ми е слатко”…
Иста и Ива беше, најубава храна – благото…
Бев редовен придружник на дедо ми кога одеше во Дојран да си ги види роднините, почетокот на шеесетите. Бев многу мала, но по нешто, сепак паметам…
Го паметам автобусот кој нé носеше, таму негде, многу далеку 🙂
Мирничко си гледав низ хоризонтот од прозорецот и тивко очекував. Не поставував многу прашања гласно, сама си носев заклучоци, понекогаш погрешни, та и тоа е школо…
И кога асфалтот се топеше таму на југ, кога воздухот се жареше како оган над тој асфалт, или кога пак прашината од неасфалтираниот пат ни се лепеше и в грло, влегувањето во дворот кај баба Марика, за мене беше влегување во земја чудесија!
Калдрма ладна, измиена, камења и на куќата и оној воден мирис кој го знам. Зародишот мој таму е, мирисот на водата мој е, затоа го знам. Мирис на жива вода…И чиниш се отвара нов, магичен продор на она што го нарекуваме врелина…Продор кој веќе ветил!
И си седиме во круг сите, јас до деде, само баба Марика (акцентот е на “и”) ја паметам, цела фамилија и е овде.
Каков глас има баба Марика, грлат, милина кога зборува, зарипнато, а чудно меко.
Пропаѓам во тој глас, кој како да ме обвива со баршун…Типичен глас за луѓето кои живеат на вода, рапав, искршен, а сепак баршунест, барем за мене…
А перкиите на трска, веќе опојно мирисаат, се печат, чекам стрпливо, деде ќе ми исчисти рибичка…
Жагор, смеа, милина, деде ќе запее некоја, немој деде таговна, но тој и на нетаговните се расплакуваше…Оти домот им го сотреа злите луѓе, овде на езерото, сотрен до темел, до коска, за навек…А тој и баба, никогаш, никогаш не зборуваа за тоа пред децата, никогаш не покажаа лутина, никогаш не ни дадоа трошка од нивната болка, си ја носеа молкум…Не е лесно да ти го запретат огништето!
Само во песната, секогаш таговна со капливи солзи, само тогаш можевме да прозреме…
И ете така, полна со емоции, сеќавања, пак се распишав…
Нека овој рецепт биде во спомен на дедо ми Глигор кој секоја недела, дотеран со шеширот, костумот и мантилот, полн со надеж, со брат ми нé шеташе во паркот…Нé носеше на кино кога потпораснавме, редовно секоја недела, ни го подаруваше светот, ни подаруваше ризница, ни ја подаруваше иднината!
Перкиите се главна храна на сите Дојранчани, би се радувала кога би му се допаднала оваа убавина и на мојот дедо…
Да се вратиме на рецептот.
Состојки
- перкии риби, костреш
- 2-3 главици кромид
- доматен сос
- сол, сушен зачин, црн пипер, црвен пипер, магданос
- зејтин
За тесто
Можете по желба тесто
- 400 гр брашно
- 1 прашок за пециво
- 1/2 лажиче шеќер
- 1 лажиче сол
- 200 мл млака вода
- 3 лажици маслиново масло
Постапка
- Рибите можете да ги испржите, но може и да ги ставите врз кромидот кога тавата е спремна за печење, ќе попримаат од вкусниот кромид. Моите беа филети од еден настан за перкиите, но тоа е исклучок…
- Се сецка ситно кромидот, се пржи, му се додава доматен сос по желба, се пропржува заедно да стане густо и на крај, зачините.
- Се мешаат сувите состојки за тестото, брашно просеано, пециво, шеќер, сол.
- Млаката вода се меша со маслиновото и се додава во брашното.
- Се замесува тесто, а откако ќе се измеси убаво, одмара 10 минути.
- Се расукува кора поголема од тавата за печење и се префрла врз неа, претходно добро намастена.
- Кромидот се става врз кората, а краевите на кората се префрлуваат врз кромидот и се прават мали фалти како за зелник.
Излезе преубаво зелниче, крцкаво, вкусно…За поубав вкус, обавезно заедно да се печат, но понекогаш диктираат приликите 🙂
Повелете!
Sigurnoo nekoj delikates
Тие рецепти ми се слабост, Виле
U tii recepti se tvojte geni
Така е Виле…
Ah ,mi mirisa na Dojran…omilenite perkii
Верувам, Вера 🙂
Mmm me strvis Vesne. Utre treba da pravam izgleda mnogu ubavo ??
Мило ќе ми биде 🙂
Многу убаво и јас сум јадела од риба таткоми почесто купуваше и ја имаше а сега ретко
Да, исчезнува, штета…