Салата од портокалова леќа

И оваа салата или летна манџичка е токму за оваа време…Лесна, здрава, вкусна…
Од поново време ми е на трпезата, секако, порано само за зелена знаевме.

Мора да нагласам дека ми е повкусна, зелената поретко ја готвам откако ја откривме оваа убавина. Битно е да не се превари зашто тогаш се менува и аромата и бојата и вкусот. А дали ќе биде топла или ладна, секако е убава, пробајте!
Мене вакви салатички или манџички ми се предизвик за готвење, ги сакам многу 🙂

 

Состојки

  • портокалова -црвена леќа
  • потпечен леб
  • пиперка
  • домат
  • тиквичка
  • морков
  • лукче
  • маслиново масло
  • сол, магданос, црн бибер, буковец

Постапка

  1. Зеленчукот се сецка, се пржи додека не омекне и го пушти сопствениот сос. На крај се додаваат зачините.
  2. Лепчето се сече на коцки и се потпекува во рерна или на рингла во тавче, премачкано со малку маслиново и буковец.
  3. Леќата се вари во посолена вода, се цеди и се меша со испржениот зеленчук во сад за салата.

И толку, за неколку минути имате комплетен оброк, а кој не може без месо, ќе си додаде и некое парченце…Ние ја сакаме посна.

Леќата е чудо, ја користам постојано, во чорби, во салати или манџички…Превкусна е во било која комбинација!

Еве нешто корисно за леќата од Интернет :

Црвената -портокалова леќа содржи највисоко ниво на протеин од сите мешункасти плодови. Една порција леќа содржи 17,8 грама протеин, износ што исполнува 38% од дневните потреби за протеин на човекот.

Намалува холестерол, регулира шеќер, извор на магнезиум и фолна киселина-чувари на срцето и одржува дигестивен баланс…

Исклучителен извор на железо.

Црвената леќа е највисоко на листата на здрава храна според Светската здравствена организација. Леќата содржи бројни корисни хранливи состојки како растителни влакна, протеини, минерали и витамини, а покрај тоа е мешункаст производ со ниско ниво на калории и не содржи маснотии. Една порција варена леќа содржи околу 230 калории, но сепак дава чувство на целосна ситост и задоволство.

Генералното собрание на Обединетите нации ја прогласи 2016 година за Меѓународна година на мешунки и сите здравствени придобивки од истите.

Пријатно!

 

 

Напишете коментар