Чорба со зеленчук и пилешко

 

Порано, кога бевме деца, супата или чорбата претходеше на главниот оброк, речиси секој ден, а во недела обавезно. Кога јас почнав да готвам си го продолжив редот…
Е арно ама денеска не е така! Денеска чорбата ни стана и главен оброк, во мода е, и посна и месна.

Често правам посни супи или чорби, додавам секаков зеленчук што имам, и за 2-3 дена имаме преубав оброк или предјадење.

Денес ви  презентирам поинаква пилешка чорба, класичната веќе ја објавив.
Моите чорби немаат запршки со брашно и се многу здрави.

 

Состојки

  • пилешко месо
  • 1 главица кромид
  • 1 пиперка
  • 1 домат
  • неколку цветови брокула
  • 1 парче целер
  • неколку цветчиња карфиол
  • неколку листови кељ
  • сол, црн бибер, малку црвен пипер
  • зејтин

Постапка

  1. Доколку сакате најздраво да ја подготвите чорбата, само сварете ги продуктите. Доколку сакате малку повкусна да е, прво испржете го зеленчукот, исечен на парчиња.
  2. Сварете го месото, исцепкајте го и во таа вода додадете го и испржениот или не, зеленчук. Промешајте, одвојте еден дел, испасирајте го и вратете го во чорбата, нека поварат заедно., додадете црвен пипер.
  3. На крај се додаваат другите зачини.

Зеленчукот не треба да се вари премногу, за дваесетина минути сите зеленчуци се готови, а ако се превари, се губат сите вредни состојки.
Можете да додадете што сакате, што имате, строги правила нема, секако ќе биде вкусна.
Битно е да знаете дека на морковот му треба капка маснотија како витамините би се раствориле и дека преварувањето не е добро.
Избегнувам да ставам компир, зашто не е убаво да остане, ако ви е само за еден ден, можете да ставите.
Оваа преубава чорба, може да ви биде и главен оброк. Секако можете да си ја направите посна, без месо, исто е преубава.

Пријатно!

Напишете коментар