Можеби ова јадење е повеќе за во зима, но мене ми е убаво секогаш. Вкусно, посно јадење кое може да замени оброк. Има многу варијанти, многу рецепти, а и јас секогаш различно го правам…
Кој не сака посно, со сиренце е преубаво!
Сличен рецепт имате овде. Оваа комбинација е честа во струмичкиот крај, но повеќе како прилог, а како макало е типично за западните краеви каде се среќаваат преубави рецепти кои за прв пат ги видов во групите за готвење, па сега ги правам со посебна благодарност.
Состојки
- неколку компири
- неколку суви пиперки
- праз
- сол
- зејтин
Постапка
- Компирите се варат и пасираат.
- Сувите пиперки исто се варат.
- Празот се сецка ситно и треба да се истолчи малку со сол.
- Од сувите пиперки со лажиче се собира месото под лушпата и се толчи.
- Компирите, празот и пиперките се мешаат, се ставаат зачини по желба.
- Може да се додаде зејтин или да се угори и прелие смесата.
Одлично е како посно јадење, салата, мезе, прилог, како ви одговара, така.
Дотерајте си го на вкус, додајте по желба зачини, а ако сте од битолскиот крај, ќе знаете да го направите оригинално.
Пријатно!