Макалото е потипично за западниот дел на Македонија, каде сувите пиперки се неизбежен дел од кујната. Рецептите се многубројни, за разлика од југоисточниот дел каде има пак и сосема поинакви рецепти. Самото поднебје, односнo услови и клима го одредувале тој начин на обработка на пиперките.
Денес е поинаку, луѓето се движат постојано, се измешавме, а и Интернетот ни ги доловува сите можни разлики што ни ја прават кујната пребогата и единствена!
Ова е една моја варијанта на макалото од компир и суви пиперки.
Секако треба уште да учам што и како е најдобро.
Состојки
- неколку компири
- неколку суви пиперки, може и лута
- неколку чешниња лукче
- зејтин
- сол, малку црвен пипер, триена сол
Постапка
- Сварете го компирот.
- Подварете ги пиперките.
- Отворете ги и соберете ги со лажица омекнатите пиперки како на сликата, со лажиче.
- Испасирајте го сварениот компр, додадете зачини и пиперките.
- Загрејте зејтин и прелијте ја смесата, измешајте да стане компактна.
- Потоа формирајте бомбици или коцки, по желба, а може да се сервира и традиционално, секако.
Ставив и младо кромитче, но знам дека кај нас нема преку цела година.
И да, лушпите од сувите пиперки ги исецкав и ги додадов, да не сум луда да ги фрлам 🙂 , мене ми значат богатство таму далеку, а и дома не се подготвуваа кога растев, така да, откако ги открив, не се делам од нив 🙂
Вкусот на оваа макало, посебно и со триената сол е прекрасен!
Независно како е сервирано, резултатот ќе биде секогаш забележан 🙂
Мезе, салата или предјадење кое е типично наше, ќе ги воодушевува секогаш странците, а нашите трпези ќе зрачат со посебност 🙂
Рецептот нека е во чест на Битолчани, од кои учев во групите за преубавата битолска кујна, од кои слушнав за макалата и многуте други, прекрасни рецепти 🙂