Лубеница со сирење

Lubenica so sirenje
Lubenica so sirenje

По потекло сум Струмичанка, цел живот ја готвам струмичката кујна и ги знам нејзините вкусови и старински рецепти…
Сакам моите рецепти, со љубов да им ги пренесам на идните генерации и да ги спасиме од заборав…
Чувар сум на нашата традициционална кујна која многу ми значи и се радувам ако тоа го препознаам и кај други луѓе.

Струмичката кујна е многу интересна, уникатна, многу поразлична од било кој друг крај во Македонија и затоа ставивме посебна категорија за неа.
Се радувам што мене ми се падна таа чест да ја сочувам нашата струмичка кујна од заборавот, така некако испадна, а ништо не е случајно.

Веќе имам објавено многу рецепти од струмичката кујна, посебно е важно што тие излегоа од македонската територија, но ќе ги има уште и ќе ги ширам уште подалеку….

Сега, во длабоката врелина на летото, сакам да ви кажам како ние Струмичани јадеме лубеница.
Ова и не е рецепт, но е комбинација која ви ја препорачувам да ја пробате сите што не сте пробале досега. Ми се јавија многу луѓе кои ми кажаа дека баш на овој начин ја јадат и во Велес, Македонци во Австралија од битолскиот крај, а некои си направиле индивидуален избор…

Лубеница со сиренце, лепче, а може и пинџурче, навистина е нешто посебно.
Благо – солениот вкус е преубав, многу освежителен за горештините.
Најчесто се јаде во летните приквечерини, кога денот умира, за да се јави уште посветол, утредента. Затоа лубеница може и за појадок, а со пинџур е одличен главен оброк, кога ништо не се готви, кога го гледаш асфалтот а тој се лелулае магловито, па ти се врти, ти се чини нешто ќе почне да гори, нема пламен, а гори…Баба ми велеше: Огин врне синче, вонка…
Е кога огин врне вонка, земете си ладна лубеница и сиренце, ништо друго не ви треба!
Добар апетит!

 

 

 

Напишете коментар