Бајадера

Бајадера
Бајадера

После Агнесата, бајадерата ми е врв, што велат 🙂 Нема поубав вкус од старинските колачи, кои ете ми останаа необјавени на блогот, а ги вртам уште од 2012 год. низ фб.
Сум ги носела на разни настани и можам да заклучам, странците ги обожуваат.

Притоа имам неколку случки, нешто како анегдоти, па ќе ви ги раскажам…

Првата година кога дојдов во Швајцарија, еден ден бевме во Женева во една преубава слаткарница. Јас сум по бомбиците, па нарачавме од нив разни, но и други ситни колачи. Си воодушевување ги гледав колку перфектно се направени, малецки, а сите исти по големина,  и едвај чекав да пробам…Една..па друга…па трета и си велам нешто е грешка, нели земавме различни, тогаш зошто сите се исти? Разочарување беше и самиот вкус, ама како е тоа можно? Цело време додека си одевме ме мачеше таа мисла…Нешто подоцна, пробувајќи и други нивни колачиња, сфатив дека тие вложиле многу во чоколадата, но не и во колачите. А секако влијаеше и мојот вкус кој на оваа возраст потешко се менува. Тогаш му реков на маж ми, јас имам поубав рецепт, ќе направам, ќе видиш…Од тогаш почнав да правам редовно ситни колачи во туѓината, оние од тетратката на мајка ми, запишани во почетокот на 50-тите години пд минатиот век. Оние кои во Македонија ги правам со години, а се традиција во многу семејства во Струмица. Оние од курсот по готвење кој го држела наставничката Злата, а курсот бил посетен од неколку жени, кои ги рашириле тие рецепти низ Струмица. Мајка ми сеуште ја чува тетратката, и сеуште раскажува за убавите средби со баба Злата, која сите од мојата генерација ја знаеме и како наша учителка по домаќинство.
Потеклото на колачињата е всушност југословенско, но прифатени се уште од педесетите години во Струмица, колачиња кои се прават за секој празник, т.н. ситни колачи.

И така дојде првиот хуманитарен настан, се собираа пари за дечиња. Секој носи по нешто од дома, тоа се продава и на тој начин се собираат парите, преку асоцијации на црквата, а истовремено луѓето се дружат. Едно како ниедно, направив многу послужавници, ситни колачи, торта, солени пити…Како се продаваа, така луѓето пробуваа, се воодушевуваа и прашуваа од кого е, доаѓаа до мене и ми изразуваа благодарност за убавите јадења. Мене ми беше мило што им се допаѓа, ама ептен мило. (Нема да кажам дека око не одвоив од сите маси каде седеа луѓето кои купуваа од моите послужавници, а тоа што го гледав, ми го полнеше срцето). Секаде пишуваше македонски специјалитети, а мене, обвиткана во носталгијата, многу ми значеше да бидам поврзана со корените, да припаѓам негде, да не лебдам во тој непознат свет за мене.
И тогаш, почнаа прашањата од типот: “А каде е вашата фабрика?”
Луѓето кои пробуваат од јадењата, никако не можат да сфатат дека една особа може да го подготви сето тоа, сама. А мојот одговор беше, и тогаш и сега кога прашуваат: “Фабриката е во моето срце.”
Ми значи што рецептите ќе останат забележани за навек, за идните генерации <3

 

Состојки

  • 400 гр шеќер
  • 8 лажици вода
  • 150 гр мелени бисквити
  • 150 гр мелени ореви
  • 150 гр путер
  • рендана кора лимон
  • 2 лажици рум
  • 3 ребра чоколадо

Глазура

  • Се растопува 100 гр чоколадо со зејтинче.

Постапка

  1. Шеќерот и водата се варат, убаво да се растопи шеќерот.
  2. Се трга од рингла, се додава мелени бисквити, мелени ореви, путерот, кора од лимон и рум, се меша.
  3. Се дели на два дела, во едниот се додава растопено чоколадо.
  4. Во правоаголно тавче се реди прво темниот дел, убаво се тапка со рака.
  5. Врз него се тапка белиот дел, слободно израмнете со влажна рака.
  6. Се полива со глазура.
  7. Се остава да се стегне, па се сечат штанглици.

 

Секоја чест на новите трендови колачиња, нови генерации, нови вкусови. И нека има за сечиј вкус.

Но истовремено се надевам дека овие подзаборавени старински колачиња кои се правеа низ Македонија, сепак ќе опстојат, затоа што нивниот вкус е неповторлив. Нивниот изглед, онака наредени за гости предизвикува секогаш восхит 🙂 А и радост се за децата, онака мали, префинети, па цели послужавници, цели диска разновидни вкусови, ма незаборавни мигови в кујна…Со денови не се излегуваше од кујна кога ќе дојдеа празници, а онаму каде влегле оревите и чоколадото, утка нема, велат. Е да, велат бајадерата може и да не се погоди…Не ми се случило, со Ива редовно ја спремавме за празници, мајка ми исто, не знам на што се мисли. Може глазурата да не е идеална, но не смета ништо тоа. Вкусот, вкусот е важен.

Пријатно!

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Бајадера

 

 

 

Loading Facebook Comments ...

Напишете коментар