Во сезоната на сливите, еден колач, преубав, превкусен, старински.
Е, само што ми се случи да немам прашок за пециво, ееех, мене тоа да ми се случи…
Толку ретко ми се случува, речиси ич, не паметам кога било последен пат, не паметам, а имам одлчна меморија уште, ама секогаш има и прв пат 🙂
Секогаш, кога решам да правам нешто, прво си ги проверувам резервите, па почнувам да правам.
Е овој пат, не ѕирнав, фб ми беше поважен 🙂 Ги подготвив јајцата и шеќерот, и бидејќи се работи за рецепт со малку состојки, додека се матеше, ги вадам другите, и ете ти “пријатно” изненадување, ами сега? Е сега, дај што ќе дадеш, мора во моментот да се снајдеш. Малку сода бикарбона, малку кисела вода, се реши проблемот.
Колачот излезе преубав, многу сакам кога сливите ќе го обојат тестото…Ставив и оревчиња…Мене со сода бикарбона колачите ми се чудни малку, иако во старите времиња се правеле со неа.
Мајка ми вели дека сите најстари рецепти се токму со содата, немало друго, посебно овие тортички со сезонско овошје.
Рецептот сепак ќе го напишам со прашок за пециво, но ви кажувам, за да ве извади, доколку ви се случи 🙂
Состојки
- 10-20 сливи, по желба
- 3 јајца
- 2 филџани шеќер
- 1 филџан млеко
- 1 филџан зејтин
- 3 филџани брашно
- 1 ванилин шеќер
- 1 прашок за пециво
- една-две шаки сецкани ореви
- шеќер во прав за посипување
Постапка
- Се подготвуваат сливите на парчиња, оревите се сецкаат.
- Се матат јајцата и шеќерот, па се додаваат состојките, освен сливите и оревите, се размешува.
- Смесата се истура во тава бр. 28 која е премачкана со маргарин, или со зејтин и брашно.
- Се пече 5 минути во загреана рерна, се вади и набрзина, одозгора се редат оревите и сливите.
- Се пече нешто повеќе од половина час на 200, но зависи од рерна, колачот е готов кога ќе му се одвојат страните, а можете да пробате и со чачкалица, треба да нема од тестото.
- Се вади, се оладува и посипува со шеќер во прав.
Филџанот е од 250 мл. Сливите, зависно колку овошје сакате во колачот, толку ставете, исто и ореви.
Се сече кога ќе се олади, како торта или коцки.
Кога ќе замириса коричката од лимон и печени сливи, таа специфична арома, секогаш ме враќа во првите денови од есента, која секогаш ме растажува, иако некои есени се полни со надеж и убавина 🙂
Уживајте во преубавиот вкус 🙂