Сабота пред Прочка е ден кој се нарекува Умрело дете за баничка. Тоа е стара традиција во Струмица кога се месат, сукат и виткаат баници во спомен на приказната за детенцето кое умрело за баничка со сирне, како велиме во Струмица…
Приказната зборува за тоа дека некогаш на тој ден некое сиромашно детенце барало да јаде баница со сирење, но никој не им помогнал на неговите родители да му направат баница ниту пак некој му дал да јаде. Тажна приказна од минатото, но можеби не е само во минатото…
Зад оваа приказна стои крајот на сиропусната недела кога постот станува построг. Млекото и млечните производи се јадат последно во оваа недела, а православната традиција налага не само да се изеде туку и да се поделат млечните производи со другите.
И за оние кои постат и за оние кои не постат, пораката од приказната е јасна.
Можеме ли да станеме подобри луѓе и конечно да се нарекуваме цивилизирани?
Тоа ќе го поверувам кога ќе нема гладни деца на Планетата!
Мојата најголема желба секогаш ќе биде да нема гладни и жедни деца!