Кога пред 5 години го отворив фб профилот, бев тотална незналица за Интернетот.
Малку, по малку подучував за фб-от, но веднаш почнав да ставам рецепти, па отворивме фб страници и целосно се посветив на тоа.
Од 2012 година, толку ревносно ги постирав моите рецепти, да на крај памет не ми паѓаше дека треба да гледам друго нешто, освен она што се постираше во неколку групи каде бев член.
Маж ми ми кажа како да барам, но ниту имав време, заглавена со техниката, ниту имав потреба, а ниту желба. Знаев за неколку страници за рецепти, зашто ми се појавуваа често, немав појма како тоа оди технички…Но упорна до бесвест, кликни ваму, кликни таму, а и веќе предизвикав голем интерес, па набргу некои од моите рецепти беа објавувани на тие страници. А потоа имав пауза..
Е тогаш, на паузата, за прв пат почнав да разгледувам на раат разни рецепти, коначно имав време за такво нешто…Некои рецепти што ми се допаднаа ги направив, за прв пат почнав да испробувам нешто друго, но бидејќи не бев активна, ни сликите не се нешто посебно од тој период, ма добро и што сум ги сликала.
Зборот ми е, целосно окупирана да ги објавам сите мои рецепти, никако не можев да направам нешто друго… И денес е така, но се трудам сепак да пробам нештичко, зашто моите рецепти не се завршени, ги има уште многу, струмички, потоа мои варијации, идеи…
Кога ќе ги објавам сите рецепти кои чекаат, ќе здивнам и ќе знам дека сум успеала, иако на оваа возраст не е баш лесен делот со техниката 🙂
Е од тој период, кога не бев активвна, е и овој рецепт.
Тестото, како и сета храна, со око ја препознавам дали е вкусна, погодена…
Составот на состојките исто ми кажува сé, знам што е вкусно, што не… Што ќе ми се допаѓа, што не… Знам многу такви луѓе кои умеат да препознаат… Им благодарам што постојат!
Рецептот го видов кај Зорица Павловиќ на блогот, но потоа кога се запознавме на Coolinarika, ми рече дека не се нејзини, туку на пријателка.
Како и да е, кога ги видов, знаев, поубави переци немам видено, а ни пробано! Не сум направила повторно, не дошло ред, за жал…
Ви ги препорачувам, вистински переци! Благодарам Зорице <3
Состојки
-
700 гр брашно
-
половина квасец
-
1 лажиче шеќер
-
2 лажички сол,
-
200 мл вода
-
200 мл млеко
-
10 мл зејтин
-
1 јајце за одозгора
-
малку брашно (2-3 лажици), сол и вода за прелив
Постапка
- Најпрво стасува квасецот и се додава во просеаното брашно со сите состојки, се замесува меко тесто и се остава половина час да нарасне.
- Се поготвува брашното, водата и солта за преливот, нешто како тесто за плачинки.
- Тестото се дели на 15-16 топчиња.
- Секое топче се размесува, се тегне како вретено од 1 см дебелина, а должина зависи колкави сакате да бидат.
- Се обликува перек и се редат на хартија во плех од шпретот.
- Се мачкаат со јајцето растворено со 1 лажица вода.
- Се печат на 200 степени, околу 20 минути, се вадат, се премачкуваат со брашното, поточно со лажица се прават капки и се враќаат да се допечат додека се исуши преливот.
Ми недостасуваат подобри фотографии, ќе направам и ќе ставам, засега се овие, но се надевам се гледа колку се убави!
Пријатно!
[gallery_one id=”5462″ view=”carousel” settings=”%7B%22pause%22%3A%2210000%22%2C%22speed%22%3A%221000%22%2C%22loop%22%3A%221%22%2C%22auto%22%3A%221%22%2C%22pager%22%3A%221%22%2C%22lightbox%22%3A%221%22%7D”]