Погачата сите ја знаете, популарна е, а и јас ја имам објавено како Ивина зашто додавав и други работи…
Но никако да ја објавам оригиналната, едноставна, а преубава погача. Ја правам и со сирење, кој пробал, знае што е памук тесто 🙂
Правена е секогаш во некои брзања, чудни околности, таква и судбина, но сум морала да ја овековечам овој пат!
Толку едноставна, а толку убава, ви ја препорачувам секогаш со разни доматни манџички кои ги јадеме во лето…
Состојки
- 1 кг брашно
- 300 мл млеко
- 1 квасец
- 1 лажица шеќер
- 0,5-1 дл зејтин
- 200 мл вода и повеќе ако треба
- 1 лажица сол
За одозгора
- 125 гр растопен маргарин
- 1 јајце
- ким (го нема во оригиналниот рецепт)
Постапка
- Просејте го брашното и ставете во вангла околу 700 гр., чувајте за месење…
- Квасецот стасете го со шеќерот во млакото млеко.
- Додадете го во брашното, додадете лажица сол, зејтин, вода по потреба за меко тесто…
- Месете додавајќи брашно и оставете го половина час да стаса, покриено.
- Потоа ставете го на побрашнето место, краевите на тестото ставајте ги накај средина, па со раце расплескајте круг колку еден прст дебел. Со сукало израмнете го.
- Намачкајте со растопен маргарин длабоко тенџере за печење.
- Сега со чаша вадете кругови, првиот ставете го на топче тесто и почнете да редите како на сликата.
- Секој круг премачкајте го со маргаринот.
- Така редете до крај, на средина една ружичка и нека стаса 15 минути, покриено.
- Премачкајте со јајце, ставете ким ако сакате и на печење половина час на 220.
И потоа, летни манџички, летни мезиња, уживајте 🙂
Малку изменета, може да ја видите овде.
Погачата треба да биде висока, не се гледа баш на сликите, но иако огромна, лесна е како пердув…
Не може да погрешите, само замесите меко тесто и тоа е тоа, наједноставна погача, а највкусна 🙂
[gallery_one id=”8924″ view=”carousel” settings=”%7B%22pause%22%3A%2210000%22%2C%22speed%22%3A%221000%22%2C%22loop%22%3A%221%22%2C%22auto%22%3A%221%22%2C%22pager%22%3A%221%22%2C%22lightbox%22%3A%221%22%7D”]